Голем оган повторно избувна кај Плуждино и Новачка Чешма, на терен веќе дејствува ер трактор

Нов пожар доцна попладнево избувна во реонот на викенд населбите Плуждино и Новачка Чешма кај Штип, предизвикувајќи вознемиреност кај локалното население. На социјалните мрежи беа објавени повеќе видеа од штипјанецот Александар Георгиевски, на кои се гледа како огнената стихија зафаќа дел од викенд куќите во овој предел.

Според Георгиевски, пожарот е подметнат и се шири на исклучително непристапен терен.

„Пожарот е подметнат, над штипско Ново Село е и мора да се дејствува од воздух затоа што човечка нога таму не стапнува“, вели тој во едно од видеата, упатувајќи апел до Дирекцијата за заштита и спасување, директорот Стојанче Ангелов и останатите надлежни институции.

Повреден жител пренесен кон Итната помош

Во друго видео објавено на социјалните мрежи се гледа како граѓани спасуваат маж кој се гуши додека неговата куќа е зафатена од пожарот.

Георгиевски објави и снимка во која се обраќа до Итната медицинска помош во Штип, барајќи подготвеност за прием на повреден жител чиј дом бил зафатен од огнот.

Според неговите информации, повредениот бил транспортиран кон штипската болница.

Ер трактор веќе интервенира на терен

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, кратко информираше дека ер трактор на ДЗС веќе е ангажиран во гаснењето на пожарот.

Надлежните најавуваат повеќе информации во текот на денот за состојбата на терен и евентуалната штета предизвикана од пожарот.