Пожарот што зафати голема површина во атарот на штипското село Долани е целосно изгаснат, информираа од Регионалниот центар за управување со кризи во Штип.

Пријавата за пожарот била примена во 15:05 часот, а огнената стихија зафатила сува трева, стрниште и нискостеблеста шума.

Мобилизирани пожарникари, доброволци и механизација

Во гаснењето учествувале 15 пожарникари од Територијалната противпожарна единица – Штип со четири противпожарни возила, како и шест доброволци од Доброволното противпожарно друштво – Штип со две возила.

На терен биле ангажирани и една работна машина од ЈП „Стипион“, четири трактори кои направиле заштитен појас за пожарот да не се прошири кон селото, како и едно возило и оператор на дрон од ТППЕ – Радовиш.

Пожарот бил гаснет и од воздух

Во справувањето со пожарот била обезбедена и воздушна поддршка. Авион на Дирекцијата за заштита и спасување извршил две исфрлања вода врз зафатеното подрачје.

На местото била присутна и екипа на штипската полиција.

Сведок посочил две непознати лица

Според сведочењето на жител на селото, кој се здобил со лесни телесни повреди при обидот да помогне во гаснењето, пожарот наводно бил подметнат од две непознати лица кои потоа побегнале.

Огнот бил целосно изгаснат во 20:30 часот, по што сите ангажирани екипи се повлекле од терен.