Јордан Ѓорчев, професор, писател, карикатурист, ерудит пред штипската публика ги изложи своите точно сто карикатури, од прва до последна инспирирани од нашето и светско време односно невреме. Карикатурите се изложени во уметничката „Галерија 22“ при Центарот за култура „Ацо Шопов“.

Директорот на Центарот за култура „Ацо Шопов“-Штип, Горан Трајков вели дека оваа изложба е само вовед во соработката со Институтот за култура и уметност при МСУ „Гаврило Романович Державин“.

-Денес сведочиме за прва изложба на карикатури на Јордан Ѓорчев, но овој културен настан е само вовед во договорената културна соработка помеѓу нашиот Центар за култура и Институтот за култура и уметност при МСУ „Гаврило Романович Державин“, за што во многу блиска иднина ќе потпишеме и договор. Со тоа значајно ќе го прошириме полето на културна соработка помеѓу двете соседни општини, вели Трајков.

Писателот Трајче Кацаров истакна дека Ѓорчев освен што е автор, писател, карикатурист, како личност во неговиот град Свети Николе на Славјанскиот универзитет обезбедува посебен простор за културата.

-Токму на МСУ „Гаврило Романович Державин“, благодарејќи на огромната посветеноста на Ѓорчев кон културата, се одржуваат голем број културни настани, како гостување на театри, писатели, поети, сатиричари, културно – уметнички друштва. Конечно, токму Ѓорчев е човекот кој прв на овие наши простори отвори 3Д кино, промовирајќи ја на тој начин и филмската култура како дел од севкупноста на културниот живот на секој човек, рече Кацаров.

Ѓорчев смета дека е потребна поголема соработка меѓу културните институции, за поактивна размена и соработка.

-Се надевам дека во иднина со најголемата културна институција во Источниот регион ќе бидеме поактивни во размената на културни добра, а институцијата со која јас раководам – Меѓународниот славјански универзитет „Гаврило Романович Державин“, а во која посебно места има и културата, секогаш е и ќе биде широко отворена за работниците во културата од Штип и за нивните остварувања, рече Ѓорчев.

Карикатурите на Ѓорчев може да ги видат до крајот на седмицата.