Во Вашингтон денеска започнаа директни преговори меѓу Израел и Либан, први по повеќе децении, соопшти Стејт департментот.

На состанокот присуствуваат амбасадорите на двете земји во САД, Јехиел Лајтер и Нада Хамадех Моавад, како и американскиот државен секретар Марко Рубио.

Иако Израел и Либан немаат дипломатски односи, ова е прв обид за директен дијалог на високо ниво по долг период.

Во пресрет на разговорите, членот на политичкиот совет на Хезболах, Вафик Сафа, изјави дека милитантната група нема да почитува каков било договор постигнат под покровителство на САД.

„Воопшто не сме заинтересирани за исходот од преговорите меѓу Либан и израелскиот непријател. Она што ќе биде договорено нема да нè обврзува“, изјави Сафа.

Тој додаде дека нападите на Хезболах биле превентивни, бидејќи, според нив, Израел се подготвувал за нов конфликт со цел уништување на групата.

Од израелска страна, министерот за надворешни работи Гидеон Саар изјави дека целта е постигнување мир и нормализација на односите.

„Меѓу Израел и Либан нема сериозни несогласувања. Проблемот е Хезболах“, рече Саар.

Во меѓувреме, Израелските одбранбени сили соопштија дека десет нивни војници се ранети во судири со Хезболах во градот Бинт Џбеил, во близина на границата. Тројца од нив се во тешка состојба.

Судирите меѓу Израел и Хезболах траат од почетокот на март, кога групата започна ракетни напади врз Израел. Според достапните податоци, во конфликтот досега загинале речиси 2.100 лица, меѓу кои има и цивили.