Израелската Влада денеска соопшти дека очекува сите 20 израелски државјани кои сè уште се држат како заложници во Газа да бидат ослободени во раните утрински часови утре.

Според соопштението од кабинетот на премиерот Бенјамин Нетанјаху, ослободувањето на последните живи заложници што ги држи радикалното палестинско движење Хамас ќе започне утре наутро, информација што претходно ја потврди и самата организација.

Портпаролката на израелската влада, Шош Бедросјан, изјави дека Израел е подготвен да ги прими и телата на 28 убиени заложници, кои ќе бидат вратени откако ќе се заврши процесот на ослободување на живите.

„Сите процедури се усогласени, Израел е подготвен да ги прими заложниците – живите и починатите,“ рече Бедросјан, додавајќи дека идентификацијата на убиените, при последното примирје, била потврдена по обдукција во Израелскиот институт за судска медицина.

Според договорот, откако ќе бидат ослободени заложниците, Израел ќе започне со ослободување на неколку стотици палестински затвореници од своите затвори.

Бедросјан посочи дека живите заложници ќе бидат предадени на Меѓународниот комитет на Црвениот крст и ќе бидат транспортирани со шест до осум возила.

Таа, исто така, потврди дека Израел нема да учествува на утрешниот мировен Самит за Газа во Египет, кој ќе се одржи под покровителство на американскиот претседател Доналд Трамп.

„Ниту еден израелски претставник нема да присуствува,“ изјави портпаролката.