Израел изврши воздушни напади врз јужниот дел на Газа рано наутро во неделата и најави дека ќе ги интензивира нападите на северот. Соединетите Држави ветија поголема воздушна одбрана на Блискиот Исток како одговор на нападите врз американските сили во регионот. Се очекува денеска да влезе нов конвој со хуманитарна помош во Газа
Палестинските медиуми објавија дека најмалку 11 Палестинци се убиени во израелски напад врз градот Кан Јунис во јужна Газа, како и дека Израел го напаѓа јужниот град Рафах, а медицински извори во Газа во неделата соопштија дека во нападите во текот на ноќта во Газа биле убиени повеќе од 50 Палестинци.
Нападите се случија неколку часа откако портпаролот на израелската војска контраадмирал Даниел Хагари ги повика жителите на Газа да се евакуираат на југ.
САД најавија дека ќе испратат повеќе противвоздушна одбрана на Блискиот Исток, вклучувајќи го системот THAAD (Terminal High Altitude Area Defense) и дополнителни ракетни системи за противвоздушна одбрана Патриот на Блискиот Исток.
Ирачките милитанти гаѓаа две воени бази во кои се сместени американските сили во Ирак со беспилотни летала и ракети, последен во серијата напади откако го предупредија Вашингтон да не интервенира за поддршка на Израел против Хамас во Газа.