Народната банка информира дека од денеска, 25 ноември, и физичките лица можат во целост да располагаат со новите приливи на своите сметки во АЛТА банка АД Битола.

Оваа мерка важи под услов финансиските средства да доаѓаат од платежни сметки отворени кај други банки и овластени даватели на платежни услуги. Можноста директно се однесува на новите приливи врз сите основи, вклучувајќи ги исплатите на плати, пензии и социјални трансфери коишто пристигнуваат од институции или претпријатија со сметки во други банкарски институции.

Во таа смисла, клиентите на банката немаат потреба од отворање платежна сметка во друга банка, бидејќи ќе може да располагаат со пристигнатите приливи врз овие основи во целосен износ, со користење електронско или мобилно банкарство, користење платежна картичка или подигање готовина преку отворените шалтери на банката.

Од централната банка посочуваат дека продолжуваат внимателно да ја следат состојбата во АЛТА банка АД Битола и континуирано да преземаат активности за олеснување на пристапот на клиентите до сопствените средства, како и за непречено извршување на сите платежни услуги.

Како и досега, филијалите на банката во Струмица, Тетово и Прилеп, како и експозитурата во Скопје во Трговскиот центар „Бисер“, продолжуваат со редовна работа со странки. На овие локации граѓаните можат да подигнуваат готовина во рамките на утврдените ограничувања и да реализираат уплати за комунални услуги, отплата на кредитни задолжувања и други финансиски потреби.