Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, заедно со тимот од Министерството за финансии, учествува на меѓународната конференција „Global Banking & Markets – CEE, Central Asia & Türkiye 2026“, на која се дискутира за актуелните финансиски трендови, инвестициите и економските предизвици.

Вториот ден од конференцијата бил исполнет со панел-дискусии, анализи, ставови и искуства од високи претставници на финансиски институции, банки, инвестициски фондови, компании и меѓународни експерти.

Во фокусот на дискусиите биле актуелните движења на глобалните финансиски пазари, управувањето со јавниот долг и финансиските ризици, пристапот до капитал, финансирањето на инфраструктурни и енергетски проекти, дигиталната економија, како и новите можности за инвестиции и развој на приватниот сектор.

Димитриеска-Кочоска посочува дека ваквите меѓународни средби имаат посебна вредност, бидејќи овозможуваат размена на знаења и искуства, следење на глобалните финансиски трендови и согледување на нови можности за унапредување на меѓународната соработка и економскиот развој на Македонија.