Ќе биде критично ако до крајот на годината, до завршувањето на скринингот, Македонија не ги направи уставните измени и не ги внесе Бугарите во Уставот. Во тој случај, процесот на евроинтеграции за Македонија ќе запре, предупредува извор од ЕУ. Изворот смета дека ова прашање е премногу исполитизирано и им порачува на сите политичари со „ладна глава“ да водат разумна дискусија за да се обезбедат доволно гласови за да се направат потребните измени. Сепак, ЕУ не може да даде гаранции дека Софија нема повторно да ја блокира Македонија, зашто во понатамошниот процес секоја земја членка може да ги стопира преговорите.

Промената на Уставот е суверена одлука која треба да ја донесе државата, но критичниот момент ќе дојде кон крајот на годината и доколку не се случат уставните измени за внесување на Бугарите во Уставот, до завршувањето на скринингот, процесот на евроинтеграции за Македонија ќе запре, предупредува извор од ЕУ. Изворот смета дека ова прашање е премногу исполитизирано, иако во принцип земјава има добри меѓуетнички односи и нема проблем и Бугарите да бидат внесени во Уставот. Од ЕУ порачаа сите политичари со „ладна глава“ да водат разумна дискусија за да се добие вистинската слика. Обврската за уставните измени е договорена билатерално меѓу Македонија и Бугарија, потсети истиот извор и тврди дека нема да ги изгубиме идентитетот, историјата и јазикот на патот кон ЕУ. Дециден е дека за следната фаза од преговорите со ЕУ, Македонија мора да го смени Уставот, но ЕУ не може да даде гаранции дека Софија нема повторно да ја блокира Македонија, зашто во понатамошниот процес секоја земја членка може да ги стопира преговорите. Добрососедските односи се клучен дел од пристапните процеси и во тој контекст се очекува спроведување на билатералните договори како Преспанскиот и на Договорот за добрососедство во добра волја и од сите страни, велат од Унијата и додаваат дека Брисел не сака да увезува спорови.

-ПРАШАЊЕТО СТАНА МНОГУ ИСПОЛИТИЗИРАНО, ИАКО ПРОМЕНАТА НА УСТАВОТ НЕМА ВЛИЈАНИЕ НА ПРАШАЊЕТО НА ИДЕНТИТЕТОТ НА ГРАЃАНИТЕ. НИТУ ТОЈ ЌЕ СЕ СМЕНИ СО ПРЕГОВОРИТЕ, НИТУ ЈАЗИКОТ, НИТУ ИСТОРИЈАТА. НО, АКО НЕ СЕ ОСТВАРАТ ИЗМЕНИТЕ НА УСТАВОТ, ПРОЦЕСОТ НА ПРЕГОВОРИ ЌЕ БИДЕ ЗАПРЕН И ЗАТОА ТРЕБА ДА СЕ ИМААТ ВО ПРЕДВИД ИМПЛИКАЦИИТЕ АКО НЕ СЕ НАПРАВАТ УСТАВНИТЕ ИЗМЕНИ. НИЕ ИМАМЕ ИСКРЕНИ РАЗГОВОРИ СО ВМРО-ДПМНЕ. ГИ СЛУШАТЕ ПОЗИЦИИТЕ НА ЛИДЕРОТ И ТОА Е НИВНАТА ПОЗИЦИЈА, НО СЕ НАДЕВАМЕ ДЕКА СО РАЗУМНИ РАЗГОВОРИ, ОСОБЕНО ОКОЛУ ТОА КОЈА ЌЕ БИДЕ НАВИСТИНА ИМПЛИКАЦИЈАТА ОД ПРОМЕНАТА НА УСТАВОТ, ЌЕ СЕ ОБЕЗБЕДАТ ДОВОЛНО ГЛАСОВИ ДА СЕ НАПРАВАТ ПРОМЕНИТЕ. ТЕШКО МИ Е ДА ЗАМИСЛАМ КОИ ГАРАНЦИИ ЕУ МОЖЕ ДА ГИ ДАДЕ ДЕКА ВО НЕКОЈ МОМЕНТ ОД ПРЕГОВАРАЧКИОТ ПРОЦЕС НЕМА ДА ИМА БЛОКАДИ. ЗЕМЈИТЕ ЧЛЕНКИ МОЖАТ ДА ПОДИГНАТ ВЕТО ЗА РАЗЛИЧНИ РАБОТИ ВО ИДНИНА, ИСТАКНА ИЗВОРОТ ОД ЕУ.

Тој посочува дека ова прашање ја преокупира јавноста, но она што е навистина важно за животот на граѓаните се корупцијата и владеењето на правото и затоа порачува да го искористиме времето до 2024 година да ги направиме реформите. Вели дека преговорите со ЕУ ќе бидат успешни само ако се национален проект, ако сите ги поддржат, иако тоа не значи дека опозицијата треба да се согласи на сè, туку дека треба да работат заедно на реформите. Тој ги охрабри сите да промовираат добрососедски односи, иако има подеми и падови, зашто натамошната ескалација на тензиите меѓу Македонија и Бугарија не е во интерес ниту на едната ниту на другата земја, ниту на соседите, ниту на Унијата, туку од интерес на сите е Македонија да се приклучи кон ЕУ.

Изворот посочи дека во Македонија генерално и континуирано има добра практика во почитувањето на правата на малцинствата, а реакцијата за последниот инцидент во Охрид на надлежните органи ја оцени како соодветна и навремена, бидејќи настанот беше осуден од сите, а извршителите беа приведени.

Во однос на изјавата на бугарскиот шеф на дипломатијата Николај Милков дека не може да стави вето на преговорите, бидејќи не се ни почнати, изворот од ЕУ е дециден дека преговорите со Македонија почнаа во јули, се одржа меѓувладина конференција и почна скринингот кој, во спротивно не би бил возможен. Најавите за прогласување на некои политичари од Бугарија за персона нон-грата во Македонија, овој извор рече дека нема да ги коментира зашто тоа е прашање за Советот за национална безбедност, а не за Брисел.

Запрашан за истрагата за работењето на еврокомесарот Оливер Вархеји, изворот од Унијата рече дека тоа е работа на Европскиот парламент и Европската комисија, но истакна дека Вархеји е многу посветен и ангажиран на проширувањето и минатата година сме виделе успеси на тоа поле.