Вчера во угостителски објект во Струмица, 37-годишен маж со остар предмет ја нападнал својата поранешна сопруга и ѝ нанел тешки телесни повреди, по што избегал, но набргу сам се пријавил во полициската станица. Против него е поднесена кривична пријава за „убиство во обид, во врска со семејно насилство“.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека полициски службеници од СВР Струмица во Полициската станица Струмица извршиле службен разговор со З.П. (37) од Струмица, постапувајќи по пријава дека околу 12:40 часот во угостителски објект во градот со остар предмет ја нападнал неговата поранешна 34-годишна сопруга и ѝ нанел повреда во пределот на лицето.

По нападот тој се дал во бегство, но по кратко време самиот се пријавил во Полициската станица Струмица. При извршеното алкотестирање било утврдено дека имал 1,20 промили алкохол во организмот.

Повредената жена била пренесена во Медицинскиот центар во Штип, каде што ѝ биле констатирани тешки телесни повреди.

СВР Струмица до Основното јавно обвинителство Струмица поднела кривична пријава против З.П. поради основано сомнение за сторено кривично дело „убиство во обид, во врска со семејно насилство“ по член 123 став 2, во врска со член 19 од Кривичниот законик. Според МВР, тој денеска ќе биде изведен пред судија во Основниот суд во Струмица.