Жителка на Тетово бара отштета од 100.000 евра од Центарот за јавно здравје, тврдејќи дека при земање ковид-брис во 2021 година бил направен сериозен пропуст – употребено стапче што претходно било користено на пациент позитивен на коронавирус.

Според тужбата, пет дена по тестирањето и таа добила позитивен резултат, а потоа се соочила со здравствени проблеми: отежнато дишење, срцебиење, страв и психичка криза.

Судското вештачење потврдило дел од наводите за претрпена штета, но Основниот суд во Тетово ја одбил тужбата поради недостиг на цврсти докази и застареност на случајот. Дополнително, тужителката била задолжена да ги плати судските трошоци во висина од 41.400 денари.

Инспекциската служба при надзорот утврдила пропуст кај здравствениот работник, кој бил дисциплински санкциониран со намалување на платата за 20 проценти во период од пет месеци.

Апелациониот суд во Гостивар ја поништи првичната пресуда и го врати предметот на повторно разгледување, отворајќи нов правен тек за случајот кој предизвикува големо внимание во јавноста.