Обвинение за милионски злоупотреби во Прилеп
Основното јавно обвинителство – Прилеп поднесе обвинение против осум лица и едно правно лице за сериозни злоупотреби во прилепската болница, сторени во периодот од 2022 до јули 2024 година. Наместо средствата собрани од партиципација да се користат за пациенти, лекови и редовно функционирање на здравствената установа, според обвинението, тие биле незаконски извлекувани и трошени за лични потреби.
Лажни исплати и прикривање преку фискални сметки
Според истрагата, поранешната директорка, заедно со уште тројца вработени, наводно извлекле 9.605.081 денари, односно околу 156 илјади евра, преку лажни налози за работа и исплати во готово, без договори и без реално извршени услуги. Дел од овие трошоци биле прикривани со фискални сметки кои не се однесувале на болнички потреби, туку на гориво, пицерии, ресторани, кафеани, кафулиња и слаткарници. За да не се открие шемата, во болничкиот компјутерски систем биле внесувани и менувани податоци со цел да се прилагодат на фиктивните исплати.
Фиктивно обезбедување и дополнителна финансиска штета
Обвинението опфаќа и посебна линија на злоупотреби поврзана со фирма за обезбедување, при што поранешната директорка, еден обезбедувач, управителот, двајца сопственици и самата фирма се товарат дека склучиле договори кои формално постоеле, но реално не се исполнувале. И покрај тоа, се водела лажна евиденција, а фирмата наплатила 6.567.538 денари, со што била нанесена штета на болницата. Дополнително, според обвинението, од ставката „храна за болни“ биле одобрувани исплати кон угостителски објекти и продавници за ненаменски трошоци, со штета од 1.439.987 денари, како и исплати на неосновани прекувремени часови на селективно избрани вработени, со што буџетот бил оштетен за уште 1.850.895 денари. Од Обвинителството информираат дека за дел од случајот истрагата продолжува, врз основа на пријава од Финансиската полиција и наоди од Државниот завод за ревизија.
