Кривична пријава против поранешен обвинител

Јане Ченто, еден од обвинетите во случајот „27 април“, соопшти дека е поднесена кривична пријава против поранешен јавен обвинител со иницијали В.Р., поради сомнежи за попречување на правдата и злоупотреба на службената положба и овластување.

Тој информира дека до Јавното обвинителство се доставени документи, заверени изјави и вештачења кои, според него, отвораат сериозни сомнежи за притисоци врз сведоци и злоупотреби во текот на судската постапка. Ченто посочи дека пријавата е поткрепена со обемна документација која го доведува под прашање начинот на водење на истрагата и судскиот процес.

„Денес стоиме пред вас како луѓе кои повеќе од осум години се соочуваат со системска неправда. Поднесовме кривична пријава против поранешен јавен обвинител поради основани сомнежи за попречување на правдата и злоупотреба на службената положба“, изјави Ченто пред Јавното обвинителство во Скопје.

Сомнежи за влијание врз сведоци

Ченто тврди дека се доставени докази за комуникации меѓу висок функционер и клучен сведок, како и контакти меѓу блиски лица на функционери и сведоци, поврзани со давањето искази.

Според неговите наводи, сведок со нотарски заверена изјава признал дека неговиот претходен исказ бил невистинит и дека му било ветено олеснување во други постапки доколку сведочи на одреден начин.

Дополнително, како што посочи, постои и вештачење од овластен судски вештак на мобилни телефони кое ја поткрепува изјавата на сведокот. Ченто оцени дека постојат основани сомнежи за користење незаконити докази и вршење притисоци, поради што, според него, пресудата е резултат на монтирана постапка.

Тој нагласи дека не станува збор за политичка изјава, туку за чекор базиран на документи и сериозни сомнежи за сторени кривични дела, при што очекува Јавното обвинителство да постапи професионално и без одлагање.

Став на обвинителството и судска одлука

Од Јавното обвинителство информираат дека пријавата ќе биде примена и дека ќе се проверат сите наводи.

Во меѓувреме, Апелациониот суд неодамна донесе одлука со која не го прифати барањето за повторно судење на осудените за насилствата во Собранието од 27 април 2017 година, оценувајќи дека жалбата е неоснована и дека одлуката на понискиот суд е законита и образложена.

Јане Ченто беше правосилно осуден во 2019 година на 13 години затвор за „терористичко загрозување на уставниот поредок“, во предметот поврзан со упадот во Собранието, кој го водеше судијката Добрила Кацарска. Дел од обвинетите во случајот претходно добија амнестија со закон донесен во 2018 година.