Директорот на Бирото за јавна безбедност, Александар Јанев, потврди дека полицијата продолжила да собира докази за нападот врз Сара Ѓорѓиевска во Охрид и откако судот првично му одредил мерки на претпазливост на 31-годишниот Кристијан Корабоски. Дополнителните докази и информации биле доставени до надлежниот обвинител, по што обвинителството побарало притвор, а судот му одредил мерка во траење до 30 дена.
Јанев најави и дека Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди работи на проверка на евентуални неправилности во полициското постапување. За утврдените пропусти и аномалии, како што рече, јавноста навреме ќе биде информирана.
– За секое непрофесионално полициско постапување, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди интензивно работи и на целиот процес и за цела аномалија навремено јавноста ќе биде информирана – изјави Јанев.
Тој објасни дека полицијата во случајот постапила во рамките на своите надлежности, поднела кривична пријава и побарала максимални мерки што можела да ги преземе. Сепак, по првичната одлука на судот, полициските службеници продолжиле со работата на случајот.
– Побаравме максимално што може и што е во рамки на нашите надлежности. Тоа што понатаму обвинителството и судот, односно што барал обвинителот, а што излегло од судот, вчера бевме сведоци дека судот имаше изречено мерки на претпазливост, односно мерки за неприближување, меѓутоа ние не застанавме овде како полиција – рече директорот на БЈБ.
Според него, полицијата продолжила да го документира целиот случај, да прибира дополнителни информации и да обезбедува материјални докази за новите околности.
– Ние работевме на документирање на целокупниот случај, бевме во потреба по нови околности, елементи и материјални докази, каде што дополнително доставените обезбедени докази и доставеното известување до надлежниот обвинител, одлуката се промени – изјави Јанев.
По дополнувањето на доказниот материјал, Основното јавно обвинителство Охрид поднесе обвинение против Корабоски за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста, а побара и притвор. Основниот суд во Охрид го прифати предлогот и му одреди притвор до 30 дена.
Јанев го осуди семејното насилство и порача дека неговото спречување не е одговорност само на полицијата, туку на сите институции и на општеството.
– Лично, како родител и како сопруг и како граѓанин во оваа држава, апсолутно го осудувам целокупното физичко насилство коешто постои, посебно целокупното насилство коешто постои во рамки на едно семејство – рече тој.
Според директорот на БЈБ, институциите треба да реагираат навреме, но истовремено мора да се работи на препознавање и спречување на насилството пред да биде потребна полициска интервенција.
– Кога полицијата ќе дејствува, кога ќе дојде ред полицијата да дејствува, тогаш можеби веќе е доцна – истакна Јанев.
Тој додаде дека мора да се зголемуваат свесноста и одговорноста кај сите институции, бидејќи полицијата е само една алка во системот за заштита од семејно насилство.
