Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер истакна дека притисоците од родителите врз наставниците, различниот однос кон знаењето и недоволното почитување на наставничката професија се дел од проблемите со кои се соочува македонскиот образовен систем. Таа посочи дека наставниците сè почесто се изложени на непријатни реакции од родители кои сметаат дека нивните деца имаат премногу материјал за учење.

Јаневска посочи дека на социјалните мрежи често може да се сретнат коментари од родители кои се жалат на обемот на училишните обврски, оценувајќи ги ваквите реакции како неоправдани.

„Факт е дека во денешно време наставниците се жалат на силни притисоци, особено од родителите кои сметаат дека децата многу им учат и многу им знаат, па на социјалните мрежи може да сретнете коментари од типот: толку многу имаат за учење што мозокот ќе им изгори, што е апсолутно смешно и неточно“, изјави министерката.

Таа објасни дека споредбите со образовните системи во други земји покажуваат дека македонските ученици до 15-годишна возраст имаат околу 200 наставни часа помалку од нивните врсници во САД и Европската Унија. Токму тој недостаток на часови, според неа, се обидуваат да го надоместат, но при тоа се соочуваат со различни отпори.

„Нашите деца имаат 200 часа помалку до 15 години од оние во САД и во ЕУ и тоа време се обидуваме да го надокнадиме на некој начин и се соочуваме со разни отпори“, рече Јаневска.

Министерката оцени дека во изминатиот период значително се променил односот кон знаењето кај сите учесници во образовниот процес – родителите, наставниците и самите ученици. Според неа, ова се факти кои не треба да се игнорираат, бидејќи директно влијаат врз квалитетот на образованието.

Посебно внимание посвети на притисоците со кои се соочуваат наставниците од страна на родителите, нагласувајќи дека тие понекогаш се силни и непријатни. Поради тоа, како што посочи, во изминатите неколку години се работи на враќање и зајакнување на интегритетот на наставниците, како и на подигнување на општественото значење на нивната професија.

Јаневска смета дека почитувањето на наставниците е клучно за нормално функционирање на образовниот процес и за воспоставување соработка меѓу училиштата и семејствата.

Таа предупреди дека доколку родителите не ги препознаваат наставниците како важна карика во општеството и не ги поттикнуваат своите деца да соработуваат со нив, се создаваат проблеми кои дополнително го отежнуваат воспитно-образовниот процес.

Според министерката, враќањето на авторитетот и интегритетот на наставниците е важен предуслов за подобрување на состојбите во образованието и за градење поквалитетен однос меѓу наставниците, учениците и родителите.