Добиваме информации дека онлајн наставата воопшто не е успешна. Наставниците генерално си ја вршат својата работа, тие се најавуваат во осум часот, држат предавања. Меѓутоа резултатите од таа настава се поразителни. Учениците, огромен број на ученици, определен дел од часови обично утринските, првите и последните часови само се приклучени, а не се присутни. Се случува да се приклучени, а во меѓувреме да играат некоја игра, да се наоѓаат во кафуле. Кога ќе ги прозве наставникот да ги праша, нив ги нема, па измислуваат некакви приказни. Самите деца кажуваат дека платформата дозволува да се снајдат односно да препишат. И од тука произлегува дека оваа онлајн настава во земја во која нема традиција за такво нешто се покажа неуспешна“,истакна Весна Јаневска, претседател на Комисија за образование и наука при ВМРО-ДПМНЕ на гостување во емисијата „Што не е јасно“ на Алфа телевизија.

Јаневска додаде дека реформата не е успешна со онлајн наставата иако министерка се фали дека е доста успешна, но учениците, родителите и наставниците знаат колку е „успешна“.

„Насушно е потребно учениците и наставниците да се вратат во клупите. Да имавме ние поорганизирана власт или да бевме малку поорганизирана држава, ќе направивме како што направија другите држави и ќе си набавевме на време вакцини, па сега пред крај на школска година ќе им соопштевме на родителите дела треба да се подготвуваат, да ги образуваат своите деца, на наставниците да се подготвуваат, на учениците да се подготвуваат за настава со физичко присуство. Ама ние во земјава немаме ниту една единствена Фајзер вакцина“, рече Јаневска.

Јаневска посочи дека Фајзер соопшти дека нивната вакцина е безбедна за децата над 12 години. А министерката требаше наставниците да ги внесе во приоритетна група за вакцинирање за да може од септември да се одвива настава со физичко присуство.