Предлог-законот за високо образование ги помина собраниските комисии, но неговото усвојување засега е во застој поради недостиг на потребното мнозинство од Бадентер. Министерката за образование и наука Весна Јаневска, во гостувањето во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, изрази оптимизам дека законот сепак ќе биде донесен, но оцени дека политиката повторно се меша во прашања кои треба да бидат надвор од политичките пресметки.
Јаневска информираше дека по завршувањето на собраниските комисии, за законот се чека седница на Собранието, но во овој момент не може да се обезбеди потребното Бадентерово мнозинство за продолжување на постапката.
„Ги помина комисиите и сега чекам собраниска седница. Нема Бадентер, не можеме во моментов да обезбедиме Бадентер за да продолжи процедурата понатаму. Сите закони од образование се носат со Бадентер и ова е веќе политичко прашање и, за жал, повторно политиката се меша таму каде што не треба. Јас велам никаде не треба, ама барем образованието и здравството да ги оставиме на мира“, истакна министерката.
Таа додаде дека постапката мора да се спроведе согласно уставните и законските решенија, како и Рамковниот договор, но изрази уверување дека во одреден период ќе се најде начин законот да биде усвоен и да започнат најавените промени во високото образование.
„Таков е Уставот, таков е Рамковниот. Оптимист сум, верувам дека за одреден период ќе ги донесеме и ќе почне и таа промена“, рече Јаневска.
Во гостувањето на Радио Лидер, министерката се осврна и на проблемот со студентите кои студирале во Велика Британија со државна стипендија, но по завршувањето на студиите се соочуваат со пречки за продолжување на образованието и стекнување академско звање доктор на науки во Македонија.
Јаневска објасни дека британскиот образовен систем се разликува од македонскиот и од системот во Европската Унија, поради што во одредени случаи студентите не можат автоматски да ги остварат академските права врз основа на стекнатите квалификации.
„Различни се нивниот и нашиот систем. Некој студирал на првите 100 универзитети и заради различниот систем, студентот има проблем да оствари некои права. Се прилагодуваме на системот на Европската Унија. Британија е различна од ЕУ, ќе мора да се најде решение и за тоа, обично тоа го правиме со потпишување договор меѓу државите“, посочи министерката.
Таа појасни дека според македонското законодавство, за упис на докторски студии се потребни вкупно 300 кредити од претходните циклуси на високо образование.
Тоа подразбира завршени академски студии од 240 кредити, односно четиригодишни студии и уште една година втор циклус, или студии од 180 кредити во траење од три години и уште две години втор циклус. На тој начин се исполнува условот од вкупно 300 кредити потребни за продолжување на образованието на докторски студии.
Како едно од можните решенија за студентите кои дипломирале според поинакви образовни модели, Јаневска ги посочи и кратките студиски програми, преку кои би можеле да ги надополнат потребните кредити.
Со тоа, според министерката, би се овозможило надминување на разликите меѓу образовните системи и остварување на академските права на студентите кои своето образование го стекнале во странство.
