Јапонската компанија „Kakinoki Fireworks“, во соработка со универзитетски професор, разви нов вид еколошки огномет со обвивки што се раствораат во вода и природно се разградуваат по употребата. Целта е значително да се намали отпадот што останува по огнометите и завршува на земјата или во водата.
Воздушниот огномет се состои од топка со слоеви барут сместени во надворешна обвивка, која при експлозијата се распрскува и паѓа на земја, пренесува агенцијата „Кјодо“.
За разлика од конвенционалните обвивки, кои најчесто се изработуваат од крафт-хартија и за нивно распаѓање се потребни околу шест месеци, новите обвивки што содржат смола растворлива во вода се разградуваат за само еден ден.
Проектот го развиле компанијата „Kakinoki Fireworks“ и професорот Такахико Накаока од Универзитетот Рјукоку. Според нивните податоци, благодарение на новата технологија, остатоците од стандарден воздушен огномет со средна големина, со дијаметар од околу 12 сантиметри, можат целосно да се разградат веќе следниот ден.
Во новите обвивки се користи смола растворлива во вода, материјал што веќе се применува кај земјоделските семиња и средствата за подобрување на квалитетот на почвата. Станува збор за биоразградлив материјал кој се смета за безопасен дури и доколку го проголтаат живи организми и не претставува закана за животната средина.
Кога ќе дојде во контакт со влага, обвивката омекнува, добива текстура слична на загреана карамела и речиси целосно се раствора во рок од еден ден доколку падне во река или друга тековна вода. Ова е особено важно бидејќи голем број фестивали со огномет во Јапонија традиционално се организираат над реки, езера и море.
Иако и понатаму се користи крафт-хартија за да се заштити обвивката од влага пред употреба, со новиот систем нејзината потрошувачка се преполовува. Наместо околу два листа хартија со формат А3, колку што се потребни за стандарден воздушен огномет, сега е доволен само еден лист.
Компанијата „Kakinoki Fireworks“ веќе околу 25 години работи на развој на поеколошки огномети. „Од 20.000 огномети што планираме да ги произведеме оваа година, сакаме 10.000 да бидат еколошки прифатливи“, изјави претставник на компанијата.
