Европската Унија и НАТО повторија дека претстои уште многу работа пред да се постигне праведен и траен мир во Украина. Оваа порака доаѓа во период на интензивирани дипломатски контакти на меѓународната сцена.

„Сите посакуваме наскоро да биде постигнат мировен договор, но претстои уште многу работа за да се стигне до тоа“, предупреди Пињо.

Нејзината изјава доаѓа во пресрет на средбата меѓу Москва и Киев, која со посредство на САД треба да се одржи следната недела во Обединетите Арапски Емирати. Преговорите меѓу руската и украинската страна се закажани за 10 и 11 ноември во Абу Даби, со конкретна цел да се најде одржливо решение за конфликтот.

Претходно во Брисел се одржаа разговори меѓу претставници на НАТО, Соединетите Американски Држави, Украина, Европската Унија и неколку европски земји. Портпаролката на Алијансата, Алисон Харт, истакна дека состаноците имале цел да придонесат кон траен и праведен завршеток на воените дејствија.

Во овој контекст, американскиот претседател Доналд Трамп најави склучување претстоен голем договор со Русија за Украина, додавајќи дека тој би можел да има влијание врз безбедноста на целиот европски континент.

„Се подразбира дека Европската Унија е таа што треба да носи одлуки за прашањата што се однесуваат на нејзината сопствена безбедност“, нагласи Пињо.

Специјалниот пратеник Џаред Кушнер во јавна објава појасни дека целта е воспоставување поширока европска безбедносна архитектура, која би ги создала неопходните услови за постигнување стабилен мир. Тој термин со години претставува една од клучните теми во официјалната реторика на официјална Москва.

Кушнер истовремено подвлече дека НАТО ќе остане темелот на колективната одбрана на континентот. Тој увери дека новата иницијатива ќе се базира врз постојните институции и веќе преземените меѓународни обврски.

„Нашата цел е да воспоставиме конкретни механизми што ќе одговорат на безбедносните загрижености на сите страни, ќе го намалат ризикот од идни конфликти и ќе создадат постабилна и попредвидлива безбедносна средина“, заклучи Кушнер.