ВМРО-ДПМНЕ повикува Јавното обвинителство (ЈО) темелно и транспарентно да го истражи и расчисти случајот со прислушкување на функционери на партијата, претседателот Христијан Мицкоски, како и на новинари и бизнисмени.

„Неопходно е ЈО да почне да работи и да го расчисти скандалозниот случај со прислушкувањето на функционери од ВМРО-ДПМНЕ, претседателот Мицкоски, како и новинари и бизнисмени“, наведуваат од партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, граѓаните пет години живееле во „заробена држава“, каде што се прекршувале основните човекови права.

„Пет години претседателот Мицкоски и десетици други биле предмет на незаконски следења и прислушкување од страна на безбедносните служби под контрола на СДС. Пет години СДС и ДУИ грубо ги прекршувале законите и ги злоупотребувале институциите“, стои во соопштението.

Од партијата наведуваат дека Агенцијата за национална безбедност (АНБ) и Армијата на Република Македонија (АР) биле во служба на политичка мафија, додека ЈО и Љупчо Коцевски дејствувале во интерес на СДС и ДУИ, прикривајќи криминал.

„Неопходно е ЈО да престане да ги штити антидемократските структури на СДС и ДУИ“, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Партијата потенцира:

„ЈО да започне да работи во интерес на владеење на правото и правдата и враќање на довербата во институциите. Во спротивно, довербата на народот во правосудството од два проценти ќе биде нула. Коцевски да започне да работи, бидејќи и самиот е виновен и директно одговорен за минимум довербата во правосудните органи. Одговорност мора да има“.

Во соопштението, ВМРО-ДПМНЕ поставува и прашања:

„ЈО да даде одговор кој стои зад наредбите на АНБ и АР? И кој се е дел од оваа мрежа на незаконско следење?“