Тој истакна дека отварањето е на барање на граѓаните и веќе се бара стручно мислење и протоколи како да се отвори Градската бања „Кежовица”.

-Во план сме до крајот на месецов да направиме посебни протоколи и ограничувања за да ја ставиме во функција бањата „Кежовица”. Ова е традиција и општо добро за сите граѓани, вели Јорданов.

Тој денеска беше во штипската населба Ново Село, каде што најави и дека решавањето на проблемот со колекторската цевка во оваа населба ќе почека за догодина.

Градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов на денешната прес-конференција обвини дека претходната власт набавила цевки, за кои, какошто рече се импровизација и гол популизам пред локалните избори.

Јорданов забележа дека стручните служби на ЈП „Исар” за решавање на овој проблем на жителите на Ново Село за наредната година предвиделе 4,5 милиони денари, а поставувањето на новите цевки ќе биде напролет.

Инаку жителите од оваа населба поради отворената колекторска цевка, која поминува под мостот на реката Брегалница се изложени на заразни болести, но и се чувствува неподнослива реа од фекалиите. Набавените несоодветни цевки ќе бидат или вратени, или јавните претпријатија ќе направат компензација со други цевки или материјали, кои им се потребни за инфраструктурни проекти.