Јавниот обвинител на Република Македонија, Љубомир Јовески денеска се обрати на тркалезната маса “Превенција и следење на корупцијата во судството“ во организација на Судскиот совет на РСМ. Учесниците во дискусијата разговараа за Програмата со акциски план за следење и првенција на корупцијата во судството што ја изготви Судскиот совет, во рамките на MATRA проектот „Зајакнување на ефикасноста, отчетноста и транспарентноста на Судскиот совет во Северна Македонија“, финансиран од Холандија.
-Правосудните институции секојдневно се борат со корупцијата, а во нивни раце е кривичниот прогон на сторителите на коруптивни дела во сите сфери од општеството. Затоа кога ќе се соочите со предизвикот да погледнете во сопствените редови, имате обврска тоа да го направите со двојно повеќе посветеност за справување со сите коруптивни ризици и со двојно помала толеранција кон сите облици на коруптивно делување, рече Јовески.
-Потенцијалниот судир на интереси и коруптивните влијанија сериозно го поткопуваат интегритетот и ја разнишуваат и онака кревката доверба во нашите институции. Проценките дека само осум проценти од граѓаните или можеби уште помалку имаат доверба во правосудните институции ни покажува дека времето за градење стратегии и декларативни заложби е одамна одминато. Имаме итна и недоложна обврска во борбата против корупцијата од залагања да преминеме на конкретни дела, додаде тој.
Јавниот обвинител Јовески ги истакна законските и подзаконските акти, како и етичките кодекси кои имаат за цел да го обесхрабрат секој обид за коруптивни влијанија и да ја зголемат довербата на граѓаните во непристрасното постапување на јавните обвинители.
-И покрај сите овие напори, сепак и денеска презентираната анализа на факторите на ризик од корупција детектира дел од можните критични точки за директни коруптивни влијанија во постапувањето на одредени јавни обвинители, односно во креирањето на таканаречени спреги на влијание меѓу судии, јавни обвинители и адвокати. Без намера некого да заштитувам, сепак ваквите ризици не би ги сместил во групата на институционални или организациски. Ова не е тренд или однесување што јавното обвинителство, а верувам и другите институции од правосудниот сектор го поддржуваат. Повеќе сметам дека станува збор за лична или индивидуална слабост на одредени поединци. Како правосудни институции ние имаме обврска ваквите индивидуални појави да ги идентификуваме и да ги изолираме, да не дозволиме тие да ни го уриваат угледот и довербата на јавноста, нагласи Јовески.
-Притоа, тој изрази уверување дека најважна алатка за сузбивање на корупцијата е транспарентноста. „Најдобриот одговор за сите овие појави се наоѓа во отворениот и отчетен однос кон граѓаните. Јавноста мора да е информирана за одлуките што ги носиме и за причините поради кои се донесени таквите одлуки. Само тогаш ќе има доверба дека тие одлуки се издржани и не се производ на влијанија и притисоци од различни центри, смета Јовески.