Новиот в.д. директор на ЈП Водовод, Марјан Митовски во изјава за Радио Лидер, изјави дека не ја сменил спорната евалуациона комисија за тендерот за пречистителната станица.

Неговиот претходник Златко Перински од градоначалничката Данела Арсовска беше разрешен со образложение дека не го спровел нејзиното барање да ја смени комисијата за тендерот и со тоа оставил сомнеж. Перински се бранеше дека не ја сменил комисијата по препорака на Европската Инвестициска Банка, што беше потврдено и од институцијата.

Новиот директор потврдува дека и тој продолжува по стапките на Перински.

-Нема никакви промени во евалуационата комисија, процедурата воопшто не е запрена и тендерот си продолжува по старо. До сега од мене градоначалничката Арсовска не побарала да правам смена на членови. За тоа што побарала претходно не можам да коментирам. Од мене не е побарано да ја сменам комисијата, ни одговори Митовски.

Радио Лидер од извори во претпријатието дозна дека новиот директор претходно членувал во евалуационата комисија на овој тендер, поради која беше разрешен Перински.

Марјан Митовски ни одговори дека повеќе не членува во оваа комисија.

– Веднаш по стапувањето на функцијата се изземав од евалуационата комисија затоа што претставува конфликт на интерес да бидам и в.д директор и член на комисијата. Нема назначено нов член на мое место, затоа што има заменик член кој ја презема мојата работа, ни одговори Митовски.

На крајот, редакцијата на Радио Лидер, реторички го поставува прашањето какво влијание имал Перински на оваа комисија, кога самата градоначалничка на негово место постави поранешен член на комисијата.