Потрагата по уште пари од сомнително потекло и докази против осомничениот апелационен судија Ѓоко Ристов продолжува

 

Потрагата по уште пари од сомнително потекло и докази против осомничениот апелационен судија Ѓоко Ристов продолжува.

МВР и Обвинителството не кажуваат дали е тука судијата Ристов, кај чии родители во Неготино вчера во ѕид од домот беа пронајдени соѕидани 350.000 евра. Овие пари му се без покритие, кажа истрагата.

Од Обвинителството за гонење организиран криминал доцна вчера одговорија дека „деновиве јавниот обвинител ќе процени во однос на мерки за обезбедување на присуство на осомничениот“.

СДК.МК дознава дека истражителите прво извршиле претрес во станот на судијата Ристов во Скопје пред околу две недели, но тогаш не нашле ништо сомнително.

Пред една недела тој на работа во Апелациониот суд Скопје им кажал дека е болен и оти ќе замине на боледување. Оттогаш колегите не го виделе. Мобилен телефон престанал да користи од пред месец и неколку дена, откако се отвори истрагата против адвокатот Фехми Стафа за подмитување судија во Скопска апелација односно на Ѓоко Ристов.

Во случај да се побара притвор за судијата Ристов, претходно дозвола ќе треба да даде Судскиот совет, со оглед дека судиите имаат имунитет.

Ристов за апелациски судија беше избран во 2020 година, иако беше рангиран на 14. место, прворангираните не го добија потребното двотретинско мнозинство, што тогаш предизвика бурни реакции во јавноста.