Започна изградбата на нов модерен затворен пазар во населбата Драчево. Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски и директорот на АД “Скопски Пазар” Младен Дамев го поставија камен темелникот на објектот кој ќе се протега на површина од 3000 квадратни метри, ќе биде енергетски ефикасен, со целосно уредена инфраструктура, 60-тина деловни објекти, супермаркет и паркинг за 130 возила на покривот.

Жителите на населбата Драчево, продавачите кои имаа тезги на досегашниот пазар и кои беа најгласни во барањата дека имаат потреба од нов објект со достојни услови за работа, финализацијата на овој модерен пазар можат да ја очекуваат во март следната година.

-На големо задоволство на сите кои сме тука присутни, но најмногу на жителите на Драчево и Кисела Вода, денес ставаме камен темелник на нов, затворен пазар во оваа населба. Досегашниот објект кој до неодамна тука постоеше воопшто не ги задоволуваше стандардите и потребите на закупците и на купувачите. Состојбата посебно се влошуваше при секој дожд, при најмала временска неприлика, за што постојано добивавме поплаки и реакции кои беа и повеќе од оправдани. Уште во предизборието им ветив решение на моите сограѓани, а вредноста на мојот даден збор денес уште еднаш ја потврдуваме. По темелните преговори кои ги имав со раководството на АД Скопски Пазар, по согледувањето на фактичката состојба, на потребите и можностите, постигнавме договор чија имплементација започнува денес. До следниот март, на овој простор жителите на населбата Драчево ќе добијат нов, модерен современ, енергетски ефикасен простор на околу 3000 квадратни метри. Објектот што од денес почува да се гради ќе располага со 60-тина деловни објекти, еден голем супер маркет, магацински простории, санитарни јазли, ќе има три влеза, како и и пешачка улица. Своите земјоделски производи ќе можат да ги пласираат околу 150 пазарџии, што значи дека за првпат после 50 години нашите жители добиват квалитетен простор за пазарење, дополнет со 130-тина паркинг места кои ќе бидат достапни на покривот на овој нов затворен пазар-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски, заблагодарувајќи се на раководството на АД Скопски Пазар за почетокот на убавата соработка.-Сакам да се заблагодарам на АД Скопски Пазар за конструктивноста и за започнатата соработка. Убаво е кога заеднички се придонесува во проекти кои ќе имаат значаен ефект врз економскиот раст на општината, кои ќе креираат нови работни места и ќе го унапредат квалитетот на животот на нашите сограѓани. Сакам да се заблагодарам и на сите пазарџии кои неуморно ни даваат поддршка за реализација на овој проект. Од нив, ќе побараме само уште малку трпение додека траат градежните активности бидејќи изработката на квалитетно решение подразбира зафати кои ќе траат неколку месеци, но сакам да ги известам дека активно работиме на изнаоѓање на времено решение, со цел овој период да немаат пречки во работата-изјави градоначалникот Ѓорѓиевски.