Фудбалската федерација на Канада го откажа пријателскиот натпревар против Иран, што беше закажан на 5 јуни во Ванкувер, подлегнувајќи на критиките кои изминатите неколку недели доаѓаа од канадските власти и јавноста.

Во штурото соопштение, Фудбалската федерација на Канада наведе дека натпреварот против Иран во рамки на подготовките за Светското првенство во Катар е одложен, не прецизирајќи други детали.

Натпреварот предизвика бројни контроверзи во канадското општество откако беше закажан две години по иранското соборување на патнички авион при што загинаа 85 канадски државјани.

Канадскиот премиер Џастин Трудо изјави неодамна дека одигрувањето пријателски натпревар против Иран „не би било добра идеја“.

Авион на летот ПС752 од Техеран до Киев беше соборен на 8 јануари 2020 година при што загинаа 176 луѓе.

Иран призна вина за соборување на леталото, нарекувајќи го „катастрофална грешка“.