Шеесет и едногодишна жена од Велес е хоспитализирана на Клиниката за токсикологија во Скопје откако била касната од пајак „црна вдовица“ додека работела на поле во велешкото село Еловец. Таа побарала лекарска помош откако почувствувала болки во раката и грбот, вртоглавица и грчеви по целото тело.
Жената најпрво била донесена во Ургентниот центар при Општата болница во Велес, каде што била згрижена и примила соодветна терапија. По консултација со Клиниката за токсикологија во Скопје, била префрлена таму за понатамошно лекување.
„Жена од Велес на 61-годишна возраст е донесена во Ургентниот центар во вечерните часови. Додека била во поле ја каснал пајак на левата надлактица. Пациентката се јавила со болки во раката и грбот, вртоглавица и грчеви по целото тело. Истата е згрижена, дадена соодветна терапија и во договор со Клиника за токсикологија во Скопје трансферирана е кај нив за понатамошен третман“, изјавија од Општата болница – Велес.
Пајакот што ја каснал жената бил усмртен и донесен во болницата, каде што лекарите потврдиле дека станува збор за „црна вдовица“.
