Катар на навивачите со влезници ќе им дозволи да купуваат пиво на натпреварите од Светското првенство што ќе биде дозволено три часа пред почетокот и еден час по завршувањето на натпреварите, но не и за време на натпреварите.

„Бадвајзер“ (Budweiser), главниот спонзор со ексклузивно право за продажба на пиво на мундијалскиот турнир ќе послужува пиво на влезот на стадионите, но не и на трибините.

– Пиво ќе има кога ќе се отворат вратите, а тоа е три часа пред почеток на натпреварот. Кој ќе сака да се напие пиво, ќе може да се напие. А потоа и кога ќе излезе од стадионот еден час по завршувањето на натпреварот, изјави анонимен извор близок до организацијата на Мундијалот 2022.

Покрај тоа, на „Бадвајзер“ ќе му биде дозволено да послужува пиво во навивачките зони во центарот на Доха во периодот од 18:30 до 01.00 часот секој ден за време на 29-дневниот турнир кој почнува на 20 ноември.

На претходните светски првенства пивото се точеше во навивачките фан-зони без временски ограничувања.