Кавги и обвинувања во Судскиот совет по писмото што го пратила американската амбасадорка, Анџела Агелер до судските и изршните власти, а во кое посочува дека е разочарана што предмети од висок профил Апелација ги врати на повторено судење и одат „напред-назад“ меѓу Апелација и Кривичниот суд, пренесува Фокус.

Како што јавува Макфакс, потпретседателот на Судски совет, Селим Адеми побара претседателката Весна Дамева да биде разрешена бидејќи наводно го криела писмото на амбасадорката.

-Зошто Вие, претседателке, нè ставивте во заблуда и писмото од амбасадорката на Америка не ни е доставено на време, туку по две недели? Кој го криел писмото за ние да не знаеме. Дали сме ние членови на Судскиот совет и треба ли да знаеме за тоа сериозно писмо доставено до Судскиот совет? Сите да го имаат, а ние да го слушнеме од медиумите? Дали одредени портали кажуваат име и презиме? Вие денеска за ваква информација, со име и презиме да се пишуваат членови, да се шири хронолошки, за доверлив материјал, Вие најмалку требаше да кажете: ‘Јас, колеги, не сум го кажала тоа, ви кажувам искрено’. Но, кој го направил? Првиот човек треба да има одговорност, рече Адеми.

Дамева пак тврди дека тоа не е вистинската причина за барање на нејзино разрешување туку дека сака да ја разрешат пред да се гласа за сензитивни точки ставени на дневен ред, како што е утврдување одговорност кај судии.

-Сега се отвора Пандорината кутија со недокажани реченици, со флоскули, со извртени факти и апсолутно неаргументирани. Ќе ве демантирам за писмото до Агелер, кое ниту се криело ниту имало намера да се крие. Моите заложби се тие, да се подобри состојбата во судството, да се постигне самостојност и независност најпрвин кај членовите на Судскиот совет, а потоа кај судиите. Првин членовите да постигнат интегритет, потоа судиите. Јас сум разочарана и се согласувам со содржината. Судскиот совет како да влегува во амбис, како да се сака да се растури тело во кое членовите се поделени во смисла на гласањето. Тоа некому не му одговара. Писмото е стигнато на 11-, наредниот ден бев на одмор. Зошто писмото стигнато на 11 не го презентиравте кај колегите? На крајот, 17 беше неработен ден, 18 – седница. Ова не е за да се правдам оти немам намера, но стојам зад сите заложби на меѓународната заедница дека не сме на прав пат. Без разлика дали има писмо или не. Потоа го поделив писмото во копија. Овој претседател ќе се бори да бидат разрешени нечесни судии и да бидат избрани најдобрите. Ако ова е крајот, треба да утврдите моја одговорност, па да наведете основ зошто ми го одземате мандатот, а не поради ваши желби и желби на ваши блиски луѓе, рекла Дамева.

Порталот Сакам да Кажам, пак вчера објави дека веќе една недела имало поднесена иницијатива за одговорност на апелациониот судија Енвер Беџети, за кого Судскиот совет констатираше дека 9 месеци го држел предметот „Тврдина-Таргет“ во фиока за да застари. Но, иницијативата е блокирана за да дојде до седница.

Иницијативата за одговорност на судијата ја поднела членката на Судскиот совет Тања Чачарова-Илиевска, надлежна за контрола на работењето на Апелациониот суд Скопје.

Пред неколку дена на колегиум во Судскиот совет иницијативата била блокирана од членови, предводени од потпретседателот Селим Адеми и Миљазим Мустафа, кои барале место иницијативата да оди веднаш на седница и веднаш да се формира тричлена комисија, како за останатите судии за кои досега се барало одговорност, таа времено да се стопира.

Порталот пренесе дека образложението било – иницијативата да се прошири и на останатите четворица членови на кривичниот совет од Апелациониот суд кои го работеле предметот за незаконското масовно прислушување против главниот обвинет Сашо Мијалков. Мнозинството во Советот се согласило да се направат сите проверки, само иницијативата за Беџети да не се кочи.

Судијата Енвер Беџети по скандалот со чувањето на предметот „Тврдина-Таргет“ девет месеци за да застаре делото на Мијалков, веднаш бил преместен во одделот за прекршоци, од страна на претседателката на Апелациониот суд Скопје. Но, членовите во Советот на чело со Адеми (кој не е судија, туку е избран од политиката), притискаат тој да биде по секоја цена избран за Врховен судија, пишува Сакам да кажам.