ЌЕ ИМА ВОЈНА
Српскиот претседател Александар Вучиќ предупреди дека глобалната ситуација е сериозна, ќе има војна и дека малкумина можат да ја спречат. Настапувајќи на отворањето на новата брза железница Белград – Суботица, тој порача дека Србија мора да биде подготвена за сериозни предизвици.
- „Ќе биде сè потешко во светот. Ќе биде тешко и тука, од едноставна причина што луѓето мора да знаат дека сите се подготвуваат за војна. А кога се подготвуваат за војна, тоа значи дека ќе има. И ви велам, ќе има“, рече Вучиќ, пренесува Телеграф.
Тој додаде дека „тие не се заинтересирани за разговори и преговори. Тие копаат ровови и чекаат почеток, а знаат дека војната дефинитивно доаѓа. Тие чекаат и се подготвуваат“.
Српскиот претседател истакна дека „светот се движи кон војна и малкумина можат да ја спречат“, додавајќи: „Би платил сè на светот ако тоа не се случеше. За жал, се плашам дека сум во право. Ќе мора да подготвиме некои работи што не сме ги подготвиле. Нашата армија е подготвена да го одврати секој непријател, но ќе мора да подготвиме и некои други работи“.
Вучиќ посочи дека веќе двапати се зголемени резервите на храна и дека ќе бара ново зголемување: „Двапати ги зголемив сите резерви на храна, и за армијата и преку нашите стокови резерви. Сега повторно ќе побарам зголемување“.
Осврнувајќи се на можните проблеми со снабдувањето со гориво поради санкциите на САД врз српската нафтена индустрија (НИС), тој изјави: „Она што ни го оставија, денес се обидуваме да го решиме. Не сме ниту виновни ниту обврзани да се најдеме во проблем и ја плаќаме цената. Но, граѓаните не треба да се грижат. Ќе ги решиме проблемите и нема да има бензин во кантички, но нека знаат дека ако случајно имаме бензин во кантички, единствените што треба да се обвинат се тие“.