ДЗР алармира за недоволна лабораториска опременост
Потребно е да се преземат активности за опремување на лабораториите со соодветна опрема, со цел да се овозможи испитување на што поголем број забранети и штетни супстанци во производите, апелира Државен завод за ревизија во Конечниот ревизорски извештај за Државниот санитарен и здравствен инспекторат за 2024 година.
Ризици во инспекцискиот надзор и увозните постапки
Ревизорите констатираат дека при вршење инспекциски надзор по барање на странки за увоз на предмети постојат состојби што негативно влијаат врз квалитетот на постапката. Посочуваат дека фактурите и здравствените сертификати често се изготвени на повеќе странски јазици, што создава ризик инспекторите целосно да не ја разберат нивната содржина и да одобрат увоз на стоки без целосно потврдена веродостојност и здравствена безбедност. Дополнително, во дел од предметите недостасува поткрепувачка документација, пописот не е спроведен во целост, а утврдени се и неточни пресметки и исплати на додаток за работа со висок ризик.
Неажурирани листи и недостиг од кадар
Во извештајот се наведува дека листата на забранети супстанци во козметичките производи, донесена во 2010 година, досега не е ажурирана, за разлика од праксата во Европската Унија, каде што таа повеќепати е менувана. Поради тоа постои ризик на пазарот да се најдат производи што содржат супстанци кои во ЕУ се утврдени како штетни по здравјето. Ревизијата укажува и на недоволната техничка опременост на државните лаборатории за испитување на забранети супстанци во козметички производи и детски играчки, како и на фактот дека во Инспекторатот се вработени 66 лица, што е 59 проценти од предвидените работни места. Поради старосната структура и природниот одлив на кадар, постои ризик од ограничување на инспекцискиот надзор во подрачните одделенија со висок ризик.
