Повеќе од 70 продавници и супермаркети во Белгија, Луксембург и Шведска синоќа биле мета на хакерски напад. За време на упадот била зголемена температурата на фрижидерите и замрзнувачите, поради што целата храна морала да биде фрлена за да се избегнат здравствени и безбедносни ризици, потврдија денеска претставниците на погодените трговски синџири.

Системите за ладење биле нарушени во повеќе од 40 супермаркети „Делиз“ во Белгија и Луксембург, а слични проблеми пријавија и малопродажните синџири „Карфур“ и „Спар“ во околу дваесетина нивни продажни објекти.

Извршниот директор на компанијата за ладилни системи „Сабкобел“, Стефан Моланс, појасни дека хакерите од далечина ги префрлиле испарувачите на системот во режим на одмрзнување, што резултирало со ненадејно загревање на ладилните уреди.

„Ги мобилизиравме техничарите во еден часот по полноќ за да ја ставиме ситуацијата под контрола. Работевме цела ноќ и до утрото за да ги исклучиме погодените инсталации од мрежата“, истакна Моланс, додавајќи дека некои продавници биле принудени целосно да ги исфрлат расипливите производи.

Истовремено, за сериозни проблеми со температурата во ладилните системи соопштија и од Шведска. Неколку продавници од синџирот „Ици“ утринава преку социјалните мрежи информираа дека нивните уреди биле мета на хакери, при што залихите на храна биле целосно уништени.

Во централниот дел на Шведска, шест маркети на синџирот „Коп“ исто така пријавиле неовластен упад во системите со кој биле драстично покачени работните температури во фрижидерите и замрзнувачите.

Овој настан се надоврзува на речиси идентичен инцидент регистриран во Франција на 12 октомври, кога стотици трговски објекти беа цел на хакерски напад при што температурата во ладилниците беше покачена на 50 степени Целзиусови.

Канцеларијата на парискиот јавен обвинител тогаш соопшти дека голем кибернапад ги онеспособил мрежно поврзаните индустриски ладилници во неколку големи синџири за дистрибуција на храна низ целата земја.