Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, имаше поздравно обраќање на отворањето на дијалогот Шлезвиг-Холштајн–Западен Балкан за јакнење на социјалната кохезија и заштитата на малцинствата, организиран во Академијата Занкелмарк во Оеверзе, Германија.
Во своето обраќање, Сали истакна дека довербата во институциите се гради преку еднаква примена на законот, достапни јавни услуги и суштинско учество на граѓаните во одлучувањето.
Осврнувајќи се на 25-годишнината од Охридскиот рамковен договор, тој ја нагласи одговорноста принципите на еднаквост и застапеност да се преточат во конкретни подобрувања за граѓаните. Сали посочи и дека реформите во процесот на пристапување кон Европската Унија треба да ја зајакнат довербата во општеството.
Тој ја изрази подготвеноста на Македонија да ги сподели своите искуства и да развива соработка меѓу институциите и општините од регионот и германските партнери, со фокус на вклучувањето на заедниците и подобрувањето на јавните услуги.
