Двајца кинески државјани се уапсени во Босна и Херцеговина под сомнение дека учествувале во киднапирање на петмина свои сонародници. Од жртвите било барано плаќање на по 15.000 евра за нивно ослободување.

Според официјалните информации од Федералната управа на полицијата, петмината кинески државјани биле киднапирани за време на организиран нелегален транспорт низ територијата на Босна и Херцеговина, со крајна цел да го продолжат патувањето кон Италија.

Истрагата утврдила дека оштетените лица биле противправно лишени од слобода, тешко физички и психички малтретирани, а истовремено биле изложени на сексуално насилство и континуирана изнуда. За нивното пуштање на слобода биле побарани парични средства во износ од по 15.000 евра, проследени со закани по нивниот живот. Од дел од заробените лица парите биле изнудувани и директно преку специјализирани апликации за електронско плаќање.

Во рамки на оперативните активности, на 6 ноември, по судска наредба и под директен надзор на Обвинителството на БиХ, полициски тимови извршиле претреси на станбени простории и помошни објекти на подрачјето на општината Илиџа во Сараево. При претресите биле одземени мобилни апарати и готовински средства во повеќе валути.

Двајцата осомничени биле приведени поради инволвираност во нелегален шверц на мигранти, а по криминалистичката обработка биле спроведени до Службата за работи со странци на БиХ.

Полициските органи веќе поднеле соодветен извештај до Обвинителството против тројца осомничени – двајца државјани на Кина и еден пакистански државјанин, поради сомнение за организирано криумчарење луѓе.

Од Федералната управа на полицијата нагласуваат дека истражната постапка продолжува со цел идентификување на сите соучесници и целосно расчистување на случајот.