Кинеското Министерство за надворешни работи денеска ги повика сите страни да ја гарантираат безбедноста на нуклеарните постројки на Украина, откако избувна пожар во комплексот на нуклеарната централа Запорожје по напад на руските сили.

– Ќе ја следиме ситуацијата и ги повикуваме сите страни да покажат воздржаност, да избегнуваат ескалација и да ја гарантираат безбедноста на нуклеарните постројки, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи.

Руските сили ноќеска го нападнаа комплексот на електраната Запорожје – најголемата нуклеарна електрана во Европа по што избувна пожар. Во меѓувреме тој е изгаснат, а украинското Министерство за внатрешни работи соопшти дека нема загинати и повредени.

– Нуклеарната централа Запорожје е окупирана од воените сили на Руската Федерација. Персоналот работи на своите работни места, оперативниот персонал ја контролира состојбата на енергетските единици и ја обезбедува нивната работа според барањата на технолошките прописи за безбедно работење, соопшти утрово Државен инспекторат за нуклеарна регулатива на Украина (ДИАРУ).