Кина ги отфрли тврдењата дека во наредните недели планира да му испорача на Иран прва пратка од 400 преносни противвоздушни ракетни фрлачи од кинеско производство. Од Пекинг порачаа дека ваквите медиумски извештаи се неточни и дека не се засновани на факти.
Портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на редовниот брифинг во Пекинг изјави дека Кина повеќепати јасно го соопштила својот став по ова прашање.
„Овие извештаи не се вистинити и воопшто не се фактички точни. Кина секогаш се залага за мир и за ставање крај на сите конфликти“, изјави Мао.
И Пакистан ги демантираше информациите што се појавија во дел од медиумите, според кои Исламабад требало да овозможи транзит на испораката кон Иран.
„Сите такви шпекулации се неосновани и целосно невистинити. Тие категорично се отфрлаат“, соопшти пакистанската воена служба за односи со јавноста.
Претходно, Ројтерс, повикувајќи се на неименувани извори, објави дека Иран во наредните недели треба да ја добие првата испорака на овие системи за противвоздушна одбрана, со цел повторно да ги зајакне своите одбранбени капацитети.
Според истите извори, првите пратки требало по воздушен пат да бидат испратени од Урумчи, во западна Кина, а потоа преку Пакистан да пристигнат во Иран. Во извештајот не беше наведено дали транспортот преку пакистанска територија требало да се одвива по воздушен или по копнен пат.
