Синдикалната кошничка не претставува минимална, туку посакувана потрошувачка кошничка. Во просечната потрошувачка кошничка што ја подготвува Министерството за економија и труд не е пресметан трошок за кирија бидејќи над 90 проценти од граѓаните живеат во сопствен дом, изјави министерот за економија и труд Бесар Дурмиши.

Одговарајќи на прашањето за разликите меѓу пресметките што ги презентира ресорното министерство и оние на синдикатите, Дурмиши истакна дека самите автори на синдикалната кошничка посочиле оти таа покажува колку би требало да троши едно четиричлено семејство за задоволување на потребите, а не кој е вистинскиот минимум.

Министерот објасни дека државните органи користеле релевантни податоци од надлежните институции за составување на просечната потрошувачка кошничка, со цел реално прикажување на трошоците на едно четиричлено семејство.

Како клучни причини за разликите меѓу двата пресметковни модели, тој ги посочи различниот опфат на производи и услуги, нагласувајќи дека во синдикалната кошничка се вклучени тутун, алкохол и прехранбени артикли што во одредени периоди не се продаваат и не се консумираат.

„Ние имаме ставено над 100 производи, еве и минатиот месец, нели, нашата се зголемуваше за 900 денари, а нивната за 400 денари поради тоа што ние имаме повеќе производи ставено во нашата потрошувачка кошничка, односно во владината потрошувачка кошничка, која е релевантна и достапна за сите граѓани“, изјави Дурмиши.

Тој дополнително се осврна на разликата во пресметувањето на трошоците за домување, наведувајќи дека според официјалните статистички податоци 90 проценти од домаќинствата имаат сопствен дом, додека пресметката на синдикатот редовно вклучува наемнина за живеење.

Во врска со најавите за можно поскапување на електричната енергија и неговото влијание врз семејните буџети, компаниите и стапката на инфлација, Дурмиши напомена дека претходно донесените владини мерки се сè уште во сила, вклучително и намалувањето на ДДВ-то за нафтените деривати и намалената акциза.

Тој додаде дека состојбата внимателно се следи на терен, но подвлече дека одлуките за цената на струјата се во директна надлежност на друг владин ресор.

„Доколку во наредниот период има такви поскапувања, во рамките на административните постапки што се во наша надлежност ќе постапиме. Повторно нагласувам дека ова прашање треба да му се упати на Министерството за енергетика, бидејќи евентуалното зголемување на цената на енергијата треба да произлезе од тоа министерство, од каде што треба да биде предложена и соодветна мерка, која потоа ќе се разгледува и ќе помине низ владините процедури“, рече Дурмиши.