Македонија е првата земја од Западен Балкан што го заврши техничкиот дијалог со Европската комисија за приклучување кон европскиот систем „Роаминг како дома“, соопшти министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, на конференцијата „Индустријата и животната средина: профитот не е единствената цел“, организирана од Стопанската комора.

Андоновски посочи дека со последната размена меѓу преговарачките тимови на Македонија и на Европската комисија е потврдено усогласувањето на сите отворени прашања во врска со предложениот текст на договорот.

„За граѓаните ова има многу конкретно значење. Кога ќе патуваат во Европската Унија, ќе можат да се јават дома, да испратат порака или да користат мобилен интернет по условите од својот домашен пакет. Со Европската комисија го усогласивме текстот на договорот и како прва земја од регионот ја завршивме техничката фаза. Сега сме чекор поблиску до тоа граѓаните да ја почувствуваат оваа придобивка при секое патување во ЕУ“, истакна Андоновски.

На Самитот ЕУ – Западен Балкан одржан во Брисел, премиерот Христијан Мицкоски исто така посочи дека земјата прва во регионот го завршила техничкиот дел од постапката. Тој изрази очекување дека македонските граѓани наскоро ќе ги користат мобилните услуги во земјите членки на ЕУ по домашни тарифи, целосно ослободени од дополнителни роаминг трошоци.