Општината отвори постапка за еднократна парична помош

Општина Кисела Вода започна постапка за доделување еднократна парична помош на жителите кои претрпеа поголеми материјални штети од неодамнешното невреме и обилните врнежи што го зафатија Скопје.

Според соопштението, заинтересираните граѓани треба до Архивата на Општина Кисела Вода да достават барање со потребната документација.

Потребно е да приложат фотокопија од важечка лична карта или пасош, фотокопија од трансакциска сметка, фотографии од настанатата штета, записник од надлежен орган за претрпената непогода, како и доказ за сопственост на објектот.

Комисија ќе ја утврдува висината на помошта

По приемот на барањата, специјално формирана комисија ќе ја разгледува документацијата и ќе одлучува за одобрување на финансиската помош.

„Ги повикуваме граѓаните целокупната документација да ја достават во најбрз можен рок до архивата на Општината, за понатамошно постапување од страна на надлежните служби“, соопштија од Општина Кисела Вода.