Повеќе од 1.200 онколошки пациенти кои аплицираа на повикот на Град Скопје за финансиска помош се исплатени, информира во пост на Фејсбук градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.

Повикот сè уште е отворен и сите заинтересирани можат да аплицираат.

„Со чувство на огромна одговорност и искрена грижа, обезбедивме финансиска поддршка за нашите сограѓани кои ја водат една од најтешките животни битки. Секоја апликација беше обработена со максимална посветеност и внимание, а исплатата за сите кои ги исполнија условите е завршена денеска или во текот на наредниот ден“, напиша Ѓорѓиевски во објавата.

Според него, човечка и институционална обврска е да се биде покрај сограѓаните не само со зборови, туку со конкретни дела, грижа и поддршка.

„Во најтешките мигови, најважно е човек да знае дека не е сам“, смета градоначалникот на Скопје.