Министерот за здравство Сашо Клековски вечерва изјави дека ќе биде направено сè што е можно за неколку дена да бидат обезбедени суровините што се неопходни за работа за циклотронот каде што се произведува средството што е неопходно за снимање на ПЕТ-скенот, кој не работи повеќе од еден месец, а каде најчесто се упатуваат онколошки пациенти. Мислам, додаде тој, дека многу скоро ќе можам да објави кога ќе почнеме повторно со скенирањето.
– Значи, не е расипан ПЕТ-скенот. ПЕТ-скенот беше во редовен сервис, и за време на редовниот сервис на ПЕТ-скенот се констатираа проблеми со циклотронот. Значи, во таа институција има две машини, условно да кажам: циклотронот каде што се произведува средството што е неопходно за скенирање, за ПЕТ-скенот, и ПЕТ-скенот кој е самата машина на која се врши преглед. Значи во основа, резултатот на дефектот во циклотронот е последица на неисправно одржување од страна на добавувачот и е проблем со масло кое е во рестриктивен режим. Што значи тоа? Збориме за нуклеарна медицина, значи не збориме за обични прегледи. Потребно е долго време да се набави – изјави министерот во Тема на денот на ТВ Сител.
Објасни дека потребните суровини ги има во две земји од каде што може да се набават – САД и Белгија.
– Потребно е да се добијат извозни дозволи. Во моментот и лично министерот (за надворешни работи и надворешна трговија) Муцунски е ангажиран во комуникација со Брисел што побрзо да го обезбеди тоа од Белгија, бидејќи од Америка ќе биде малку потешко. Она што е побарано од институцијата е веднаш да пристапи кон алтернативен извор на неопходните средства за функционирање на ПЕТ-скенот, дали со увоз од Бугарија или од Турција, бидејќи прекинот веќе ги нарушува подигнатите стандарди – рече Клековски.
Министерот рече дека минатата година со подобрена организација на ПЕТ-скенот биле снимени 2.705 пациенти, додека претходните години таа бројка била од 1.800 до 2.200.
– Меѓутоа, веќе со овој застој, тие резултати се нарушуваат. И тие се секако недоволни – рече Клековски.
Неговите очекувања се дека оваа набавка ќе се реализира со непосредна спогодба, бидејќи доколку се распише тендер, тоа нема да заврши многу скоро.
– Станува збор за животнозагрозувачка состојба и заради природата на материјалите, тие се со кратко време на распаѓање, не трпат долг транспорт. Значи, можеме само од некоја од соседните земји да увеземе. Мислам дека многу наскоро ќе можам да објавам кога ќе почнеме повторно со скенирањето – рече Клековски.
Дополнително, нагласи тој, ПЕТ-скенот не е единствен начин за контрола на состојбата на пациентите.
– Има скен на коски, има магнет. Од мое искуство лично, секогаш е потребно повеќе контролни механизми, значи еден контролен механизам дава една слика. На располагање се стандардните методи и ќе направиме сè што е возможно за неколку дена да бидат обезбедени сировините што се неопходни за работа – посочи Клековски.
Доколку за еден или два дена институцијата нема решение, рече дека ќе се пристапи кон други мерки.
