Апел за намалување на водените површини

За справување со епидемијата од западнонилска треска, министерот за здравство Сашо Клековски најави продолжување на вонредното прскање против комарци, покрај редовните прскања. Жителите на подрачјата со прогласена епидемија ќе добиваат СМС пораки за заштита, а ќе се врши и контрола на живината. Клековски апелираше и до граѓаните да придонесат со намалување на водените површини, особено откако било утврдено дека во загрозените подрачја има голем број базени за рекреативни цели.

„Мора да апелираме на максимална претпазливост“

„Знаеме сите, намалување колку е можно на водените површини. Јас знам дека е тешко во услови на високи температури да очекуваме луѓето да ги празнат базените, меѓутоа мора да кажам дека мора да апелираме на максимална претпазливост“, рече Клековски. Тој посочи дека август и септември, според епидемиолошките очекувања, историски се месеци кога има врв на вакви епидемии. Насоките ќе им бидат дадени на сите засегнати општини.

Епидемијата прогласена во пет скопски општини

Епидемијата на западнонилска треска во Скопје беше официјално прогласена на 12 август во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром, Бутел и Илинден, особено во Драчево, Пржино, Долно Лисиче, Кадино и Јурумлери. Во загрозените подрачја ќе се спроведува и вонредна контрола на живината, со посебен фокус на слободната живина во близина на каналите за наводнување. Засилена е и ентомолошката контрола, односно контролата на присуството на комарци, што ќе биде земено предвид при прскањето. Клековски ги повика граѓаните да пријавуваат во Агенцијата за храна и ветеринарство доколку забележат мртви диви птици, особено гаврани.

Во земјава досега се регистрирани 35 случаи на заразени со вирусот, три смртни случаи, а 16 лица во моментов се на болничко лекување, од кои шест се во критична состојба.