Министерството за внатрешни работи ќе биде максимално фокусирано на зачувување на јавниот ред, мирот и севкупната безбедност во државата. Сите неопходни безбедносни мерки ќе бидат преземени со цел заштита на граѓаните и непречено одвивање на сообраќајот, порача Тошковски упатувајќи честитки до припадниците на албанската заедница по повод Денот на албанското знаме.

Одговарајќи на новинарски прашања за време на одржувањето на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа, министерот упати апел претстојното празнување да помине во достоинствена, семејна и мирна атмосфера.

„Сакам прв да им го честитам Денот на албанското знаме на нашите сограѓани. Нека е за убаво, нека е за арно! Би сакал да им порачам да имаат убав ден, весел ден, да го поминат со своите најблиски и со своите фамилии“, порача Тошковски.

Во однос на шпекулациите и повиците што се шират по социјалните мрежи за можни нарушувања на редот, тој категорично истакна дека полициските служби се подготвени соодветно да реагираат на сите потенцијални ризици.

Министерот подвлече дека МВР нема да толерира никакво нарушување на јавниот ред и мир, ниту пак ќе дозволи загрозување на безбедноста на патиштата, имајќи ги предвид несаканите настани регистрирани во минатото.

„Нема да дозволиме нарушување на сообраќајот и нарушување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот. Би ги замолил сите оние што ќе сакаат да си го прослават денот, да го направат тоа во согласност со сите пропишани протоколи во рамките на една нормална семејна убава атмосфера со своите најблиски, па и со оние што сметаат дека треба да го прослават“, истакна Тошковски.

Денот на албанското знаме се одбележува на 28 ноември во знак на сеќавање на 1912 година, кога Исмаил Ќемали го подигна националното знаме во Валона и прогласи независност од Отоманската Империја, празник што традиционално го слават заедниците во регионот и дијаспората.