Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова се обрати на Самитот за климатски промени (COP31) во Анталија. На настанот таа ги потврди македонските заложби за климатска акција и ја нагласи потребата од праведна транзиција кон чиста енергија.
Таа укажа дека со третиот Национално утврден придонес (NDC 3.0), државата се обврзува да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за најмалку 80% до 2035 година, со цел постигнување климатска неутралност до 2050 година.
Амбициите се преточуваат во политики преку претстојниот Закон за климатска акција, ажурираниот Национален план за енергетика и клима и Патоказот за праведна транзиција, усогласени со Реформската агенда на ЕУ и Националната развојна стратегија 2024–2044.
За Сиљановска-Давкова енергетската транзиција мора да биде праведна и прифатлива, без дополнително оптоварување на семејствата погодени од енергетската сиромаштија и загадувањето. Притоа, посебно внимание треба да се посвети на жените, децата и младите.
Претседателката посочи дека за остварување на климатските цели неопходно е предвидливо меѓународно финансирање, достапен капитал, технологија, градење капацитети и силни партнерства.
Според Сиљановска-Давкова, за климатските амбиции да станат остварливи, солидарноста треба да се потврди преку конкретни инвестиции, коишто ќе им овозможат на државите подготвеност за дејствување.
„Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат“, порача претседателката на лидерскиот самит.
Во своето обраќање таа упати и директна благодарност до организаторите на овој меѓународен состанок.
„Дозволете ми да им се заблагодарам на Република Турција и на претседателот Ердоган за организирањето на овој самит посветен на климатските промени“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката потсети дека десет години откако земјата го потпиша Парискиот договор, останува убедувањето дека климатската криза не се сведува само на управување со емисиите, туку станува збор за светот што ќе им се остави на идните генерации. Според неа, сегашната генерација е првата што целосно ги разбира последиците од своите избори и веројатно последната што има време да го промени правецот, бидејќи идните генерации ќе живеат со последиците од денешните одлуки.
Таа додаде дека земјата доаѓа на самитот со јасно чувство за одговорност, како мала држава без излез на море во поширокиот медитерански регион, кој е меѓу најизложените на климатските промени, но сепак подготвена да преземе товар поголем од сопствениот удел.
Водени од убедувањето дека климата е заедничко добро, активностите се поставени како личен и политички приоритет, што поттикнало национален дијалог меѓу експертите, креаторите на политики и практичарите за обликување на климатската агенда.
Оваа заложба е одразена во третиот Национално утврден придонес каде што е зацртано намалување на нето-емисиите за најмалку 80% до 2035 година, со очекување да се искачи до 82% со странска поддршка, отворајќи пат кон правно обврзувачка климатска неутралност до 2050 година.
Тие амбиции се преточуваат во конкретни политики и законски решенија усогласени со европските стандарди, што претставува составен дел од патот кон Европската Унија.
Таа повтори дека транзицијата од јаглен кон чиста енергија не смее да падне врз грбот на граѓаните кои веќе трпат сиромаштија и загадување, дополнително усложнети од енергетската криза и конфликтите, порачувајќи дека секоја транзиција што ги изостава луѓето ја поништува својата цел.
Затоа земјата ја поддржува Глобалната заложба за електрификација 35 на 35, Договорот од Анталија за енергетски ефикасни згради, Договорот за зелена индустријализација и Рио Синергиите.
Потенцирајќи го Извештајот на Светската банка, кој детектира потреба од милијарди долари за овие процеси, претседателката подвлече дека државата не може сама да ја финансира оваа трансформација и побара реална меѓународна поддршка за амбицијата да стане целосно остварлива.
„Кога ќе се пишува историјата на оваа деценија, да не се каже дека ја согледавме опасноста, ги разбравме последиците, а сепак немавме храброст да дејствуваме. Да си заминеме од Анталија откако амбицијата ќе ја претворивме во имплементација, а солидарноста во вистинска инвестиција. Нашите деца заслужуваат безбеден, здрав свет и шанса не само да преживеат, туку и да напредуваат“, рече претседателката.
