Полуинтервентни и интервентни техники ја заменуваат хирургијата
На Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија се воведени нови методи кои го приближуваат лекувањето до современата гастроентерологија и значително ја заменуваат потребата од хирургија.
„На Универзитетската клиника за гастроентерохепатологија се воведени неколку нови методи, со кои практично влегуваме во современа гастроентерологија и со кои ќе им помогнеме на нашите болни, значи полуинтервентни и интервентни методи, со кои во голема мера ќе ја замениме хирургијата“, изјави за МИА директорката на Клиниката, проф.д-р Мери Трајковска.
Трајковска појасни дека новите интервенции се изведуваат под контрола на ендоскопски ултразвук и дека се воведува холангиоскопија, која овозможува интервенции во жолчните патишта. Исто така, започнува и аблација на црнодробни тумори, што, според неа, ги следи принципите на современата онкологија.
„За подобрување на дијагностиката, имаме набавено опрема, ни требаат уште неколку клучни апарати, кои сме во тек да ги набавиме, имаме согласност и одобрување“, истакна проф.д-р Трајковска.
Скрининг за рано откривање на рак
Во однос на скринингот за рано откривање на рак на дебелото црево и црниот дроб, директорката појасни дека скринингот за дебелото црево е во тек втора година, а одзивот на пациентите е се поголем.
„Од минатата година се работи на нов проект на скрининг за рак на црниот дроб. Во завршна фаза сме, тоа е веќе поминато и во Министерството за здравство и во секој момент ќе почнеме со тој скрининг. Значи, имаме два актуелни скрининга“, рече проф.д-р Трајковска.
Зголемен број на пациенти и ограничен капацитет
Проф.д-р Трајковска истакна дека бројот на заболени што доаѓаат на Клиниката значително се зголемил.
„Секој ден се бориме за слободно место. Некогаш ни забележуваат пациентите, не може да сфатат како може да нема слободен кревет. Се снаоѓаме, се надеваме на некои дозволи за доградби. Додека сме во оваа зграда, ќе мора некако да се снаоѓаме. Ние сме терциерна установа, која ги прибира најтешките болни, ни помагаат од Градската општа болница „8 Септември“. Капацитетот е мал за државата за терциерна установа“, додаде директорката за МИА.
Со воведувањето на новите методи и активностите околу скринингот, Клиниката се стреми да обезбеди подобра дијагностика и третман за пациентите со гастроентерохепатолошки заболувања, следејќи ги најсовремените медицински стандарди.
