Коалицијата „Твоја Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, соопшти дека парламентарното мнозинство е проширено и дека пратеничката група сега брои 59 пратеници, откако беше потпишан Договор за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека договорот претставува доказ за, како што велат, зголемената доверба, демократскиот капацитет и коалицискиот потенцијал на партијата.
„Со овој договор испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување околу заеднички вредности, принципи и цели“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата, партнерството е изградено врз доверба, заемно почитување и искрена определба за работа во интерес на сите граѓани, при што се истакнува дека турската заедница е значаен дел од македонското општество и со децении придонесува за развојот на државата.
„Соработката со Демократската партија на Турците во Македонија е доказ дека вистинските политики не ги разделуваат, туку ги поврзуваат луѓето и дека кога постои искрена намера да се работи за граѓаните, различностите стануваат наша предност“, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата додаваат дека договорот има за цел зацврстување на парламентарното мнозинство и обезбедување политичка стабилност, што, според нив, е предуслов за продолжување на реформите, реализацијата на проектите и исполнувањето на изборните ветувања.
„Колку е поголема довербата, толку е поголема и обврската кон граѓаните. Ќе продолжиме посветено да работиме на оправдување на дадената доверба и создавање услови за подобар живот“, наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
По потпишувањето на договорот, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски оцени дека станува збор за значаен чекор кон зацврстување на парламентарното мнозинство и политичката стабилност.
Мицкоски истакна дека партнерството со ДПТМ е засновано врз доверба, заемно почитување и заедничка определба за работа во интерес на граѓаните.
– Со потпишувањето на договорот за политичко партнерство, соработка и поддршка со Демократската партија на Турците на Македонија испраќаме јасна порака дека кога станува збор за интересите на граѓаните и иднината на државата, постои простор за обединување за заеднички вредности, принципи и цели. Ова партнерство е засновано врз доверба, заемно почитување и искрена определба да се работи во интерес на сите граѓани – рече Мицкоски.
