Индија повторно собори црн дневен рекорд по бројот на новозаразени со коронавирус, кој исто така е и негативен светски рекорд – регистрирани се 386.452 случаи, а починале 3.498 лица, соопшти Министерството за здравств. Дали за брзиот раст е одговорна новата варијанта на коронавирусот – Б.1.617, никој не може да каже со точност, но претпоставките се дека таа игра улога.
Најчесто, кога инфекциите со Ковид-19 во една земја рапидно растеа, во прашање беше нова вирусна варијанта. Некои експерти уште сега предупредуваат дека индискиот сој претставува некој вид супер-мутација која брзо може да се прошири низ сите континенти.
Новиот индиски сој веќе се појави во низа други земји, меѓу кои и во Франција, Германија, Белгија, Велика Британија, Сингапур, Грција, Австралија.
Во варијантата Б.1.617 се наоѓаат две мутации од т.н спајк протеин. Тој, така да се рече, го олеснува влезот на опасниот САРС-КоВ-2 во телото и овозможува на тој начин инфекција. Можно е тој побрзо да се шири во телото ако им избега на антителата кои ги создава имунолошкиот систем или вакцината.
Постои опасност луѓе кои се заздравени по инфекција со коронавирус, но и вакцинираните, да се помалку заштитени и да можат да се заразат со индискиот сој, почесто отколку што е тоа случај со другите вирусни варијанти.