Колумбискиот претседател реагира на воздушните операции на САД
Колумбискиот претседател Густаво Петро остро реагираше поради воздушните напади на САД врз бродови во Карипското Море, за кои се тврди дека биле дел од акција против шверц на дрога. Петро истакна дека доколку во овие операции загинале колумбиски државјани, американските официјални лица треба да се соочат со кривична одговорност.
„Зошто да се испали ракета ако може да се запре бродот и да се уапси екипажот? Тоа би се нарекло убиство“, рече Петро во интервју за Би-Би-Си. „При запирање на глисерите за кои се смета дека се вклучени во шверц на дрога, не смее да има жртви.“
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека нападите биле насочени кон бродови поврзани со Венецуела и дека од почетокот на месецот се убиени 17 лица, со цел да се запре протокот на фентанил и други незаконски наркотици кон САД.
Демократски конгресмени и правни експерти ја оспорија законитоста на акциите, а експерти на ОН ги оценија како вонсудски погубувања. Белата куќа потврди дека Трамп е „подготвен да го искористи секој елемент од американската моќ за да го сопре продорот на дрогата и одговорните да ги изведе пред лицето на правдата“.
Во Њујорк, каде присуствува на годишното заседание на Обединетите нации, Петро истакна дека администрацијата на Трамп го „понижува неговиот народ“ и порача дека јужноамериканските држави „нема да му се поклонат на кралот“. Тој оцени дека надворешната политика на Трамп ја изолира САД, а не Колумбија.