Сојузот на композиторите на Македонија – СОКОМ и МРТ денеска во Фоајето на Опера и балет организираа Комеморација во чест на македонскиот композитор и диригент Александар Џамбазов.

Александар Џамбазов е истакнат македонски композитор, диригент, општествен деец, долгогодишен член на СОКОМ, еден од втемелувачите на македонската популарна и детска музика. Неговата уметничка сестраност и многуслојна дарба ја манифестирал не само занимавајќи се со многу уметнички дисциплини, туку и протегајќи го своето творештво во сите музички жанри, вклучувајќи ја и класичната музика. Во делото на исполнителската уметност во македонската музичка историја ќе остане забележан како еден од основоположниците и долгогодишен раководител и диригент на Танцовиот и Ревискиот оркестар на Македонската радио телевизија. Неговото име најдиректно е врзано и со покренувањето и опстојувањето на Скопскиот фестивал на забавна музика и еден од најстарите музичко-детски фестивали во Европа, Фестивалот на детски песни „Златно славејче“.

Во делот на творештвото, Александар Џамбазов ја задолжи македонската музичка култура со неколку стотини композиции и аражнмани и со 1450 студиски снимки со голем број ансамбли, секако најмногу со оние во рамките на Македонската радио телевизија. Добитник е на голем број стучни, домашни и меѓународни награди и општествени признанија, меѓу кои 11 октомвриската награда, наградата „13 ноември“, наградата за животно дело „Трајко Прокопиев“ на Сојузот на композиторите на Македонија.

Игор Џамбазов, во име на семејството Џамбазови објави дека погребот ќе биде од затворен тип поради ковид-протоколите, па упати апел до сите поддржувачи на ликот и делото на маестро Џамбазов, и замоли за разбирање дека последното збогум ќе можат да му го кажат од сабота па натаму.

Драги пријатели. Утре ќе го испратиме во вечноста татко ми Александар, вашиот омилен маестро, чичко Ацо, Џамбаз… Комеморацијата ќе биде во МОБ во 10 часот, а погребот во 12 часот. Семејството Џамбазови ви благодари за подршката и убавите зборови. Ве известуваме дека погребот ќе биде од затворен тип, се заради ковид-протоколите. Сите што ќе сакате да му кажете последно збогум, ќе можете да го направите тоа од сабота, па натаму. Ве молиме за разбирање.