Светски познатата колумбиска актерка Софија Вергара доби монументален споменик во својот роден град. Станува збор за бронзена статуа висока повеќе од седум метри, која ги прикажува нејзините препознатливи облини во преден план. Актерката, која светска слава стекна со улогата во популарната хумористична серија „Модерно семејство“, застана покрај својата бронзена двојничка во Баранкиља.

Иако скулптурата беше официјално откриена во јули минатата година, Вергара тогаш беше спречена да присуствува на церемонијата. На 54-годишна возраст, таа за првпат во живо го виде своето монументално издание, а фотографиите од овој настан за кратко време го обиколија светот. Уметничкото дело е високо 7,3 метри, тежи цели шест тони, а негов автор е локалниот уметник Јино Маркес.

За оваа свечена прилика Вергара облече долг син фустан со корсет и фини чипкани детали. Со овој моден избор, актерката речиси целосно се усогласи со облеката и силуетата на нејзината бронзена фигура.

Раководството на Баранкиља ѝ ја додели и највисоката почест, прогласувајќи ја за „Истакната граѓанка на Баранкиља“, што претставува признание за нејзината кариера и промоцијата на Колумбија ширум светот. Домаќини на свеченоста беа градоначалникот Алехандро Чар и неговата сопруга Катија Нуле, која на актерката ѝ подари традиционален турбан.

Вергара се здоби со голема слава во Холивуд преку ликот на Глорија Делгадо-Причет во хумористичната серија „Модерно семејство“, изведба што ѝ донесе четири номинации за престижната телевизиска награда „Еми“. Публиката во последните години ја следеше и во главната улога во серијата „Гризелда“, а од 2020 година таа е редовен член на стручното жири во шоуто „America’s Got Talent“.